По 20 години, вратен мозаикот во епископската базилика во Стоби

04.03.2015 10:25

Најголемиот мозаик во Македонија се наоѓа во археолошкиот локалитет Стоби. Во старата епископска базилика, конзерваторите неодамна го вратија 150 метри квадратни големиот мозаик на чија конзервација и реставрација се работеше цели 20 години. Мозаикот, велат археолозите е од огромно значење не само заради своите уметнички и занаетски квалитети, староста и големината туку и заради научните информации кои ги нуди...

Епископската Базилика во археолошкиот локалитет Стоби го добива својот оригинален изглед. Врз метална конструкција на подот е поставен реставрираниот и конзервирам  мозаикот, едно од најпознатите историско-уметнички дела. Конзерваторите велат,  заштитата е трајна, а атрактивна е можноста под него да  се видат и археолошки остатоци.

„Го испитавме теренот и заклучивме дека под мозаикот има остатоци од други градби  кои заслуживаат да бидат презентирани“, изјави Мишко Тутковски, конзерватор НУ Стоби.

Со своите 150 квадратни метри овој мозаик е најголем во Македонија. Покрај атрактивноста за посетителите, тој открива  нови научни сознанија.

„Во медаљони се среќаваат молитви се среќава монограм на христос, но најзначајно е што во втората фаза во едно поле се среќава натпис кој ни отврива име на епископ кој ја реновирал Базиликата а ние не го знаевме претходно“, вели Силвана Блажевска, директор на НУ Стоби.

За комплетно заокружување на работите во најстарата ранохристијанска базилика покрај поставување на веќе козервинараните икони годинава треба да се изработи и проект за целосно покривање.

„Оваа година се планира и во нартексот на Епископската базилика согласно годишната програма да биде конзервиран и  поставен мозаикот , така да целиот овој копмплекс ќе биде завршен“, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Она што денес може да се види во најстарата ранохристијанска Епископска Базилика во Македонија е работено цели дваесет години. Мозаикот поделен на 72 парчиња најнапред бил  изваден па потоа стручно обработен. Во процесот на реставрација и конзервација учествуваа  две генерации на археолози и конзерватори.

Целосната реализација на проектот за враќање на оригиналниот изглед на Базилика има за цел  поголема афирмација на нашето културно наследство.

 

Дијана Иванова