Намалена цената на државните комерцијални станови

04.03.2015 13:07

Со оваа одлука немаме намера да го рушиме пазарот на недвижности, туку напротив сакаме да понудиме цени кои се подостапни за граѓаните заинтересирани да купат стан изграден од државата, соопшти министерот Јанакиески...

Пониски цени на 192 државни комерцијални станови. Владата реши во Скопје да ги поевтини од 880 на 850 евра за метар квадратен, во Струмица на 499, а во Охрид за 100 евра.

Со оваа одлука немаме намера да го рушиме пазарот на недвижности, туку напротив сакаме да понудиме цени кои се подостапни за граѓаните заинтересирани да купат стан изграден од државата. Практично со оваа одлука сакаме да ги доближиме граѓаните до проектот на Владата „Купи куќа, купи стан“ преку кој според последните бројки досега се купени 470 станови, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Во македонската метропола ќе се градат уште три згради со околу 290 домови.

Директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов информира дека од планираните три нови згради една ќе биде во централното градско подрачје со продажни цени конкурентни на пазарните. Останатите две ќе бидат лоцирани во општина Карпош со цени коишто Грозданов се надева дека ќе бидат соодветни и ќе може да се вклучат во проектот „Купи куќа, купи стан“.