Трибина на ГДОМ во Гостивар: Побарана брза разрешница за „Пуч“

04.03.2015 13:19

Граѓанското движење за одбрана на Македонија одржа трибина во Гостивар. На неа беше побарана брза разрешница за случајот „Пуч“, зошто одоговлекувањето на состојбата ќе предизвикало продлабочување на, како што беше речено, бедата во Македонија...

На лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, треба да му се определи мерка притвор, смета Миленко Неделковски. Тој беше еден од говорниците на трибината на Граѓанското движење за одбрана на Македонија што се одржа во Гостивар.

„Не убедуваа дека Верушевски не го познава. Тоа е официјална изјава, денеска ја повторија некои телевизии. Следниот пат, вели: не, можеби го знам. На крајот испадна дека кола требал да му купи“, рече Миленко Неделковски.

Професорот Александар Климовски со повик до обвинителството за брза разрешница. Според него, одлговлекување на ситуацијата значи само продлабочување на, како што рече,  бедата во која ја втурнуваат Македонија.

„Срамно е тоа што за време на нивното владеење имавме најслаба економија, најмал бруто домашен производ, најмал буџет, најмалку вработувања... За тоа сме сведоци сите, бројките се немилосрдни, тоа го покажуваат“, вели Александар Климовски – Универзитетски професор.

Историчарката Виолета Ачкоска ја потенцира причината поради која пристапила во оваа организација.

„Една работа да кажам, што беше најголем мотив да се приклучам кон ова движење. Тоа е изјавата на Самарас. Рече: Скопје нема да постои како држава, оставете ги, сами меѓу себе ќе се изедат. Е тоа нема да го дозволиме“, изјави професорката Виолета Ачкоска.

На трибината и средбата со гостиварци зборуваше и аналитичарот Александар Панов додека актерот Петар Темелковски претстави делови од својот монолог посветен на македонскиот револуционер и војвода Јане Сандански.

Граѓанското движење за одбрана на Македонија досега одржа трибини во неколку градови во Македонија, меѓу кои Битола, Велес, Штип, Куманово и Кавадарци.

 

Зоран Јованоски