Могерини: Македонија останува високо на агендата на ЕУ

04.03.2015 15:59

Kомесарот Ха потврди дека изминатиов период е во постојан контакт со политичките лидери во државата и дека Европската Унија понудила помош во надминување на моменталната состојба...

Македонија останува високо на агендата на Европската Унија во секторот за надворешна политика и преговори за проширување – изјави денеска во Брисел шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини на заедничката прес конференција со комесарот Хан, кој потврди дека изминатиов период е во постојан контакт со политичките лидери во државата и дека Европската Унија понудила помош во надминување на моменталната состојба. Еврокомесарот Хан ги повтори познатите ставови.

„Мислам дека двете партии треба да направат исчекор, треба да се почитува владеењето на правото, независноста на судот, слободата на медиумите, и треба да имаат слични или исти политички стандарди во однос на парламентарната работа, како што е во другите држави. Затоа членови на Европскиот парламент укажаа на нивната подготвеност да им помогнат на партиите во земјата. Тие ја прифатија поддршката. Ќе видиме кои ќе бидат следните чекори.

Комесарот Хан не прецизираше ниту во кој состав ниту пак даде некоја временска одредница кога преставниците на Европската унија би дошле во Македонија. Сепак најавено е дека наскоро парламентарната тројка Вајгел, Кукан и Ховит ќе ја посетат нашата држава за што имаат согласност од политичките субјекти.

Иако според Могерини, во средиштето на интересот на Европската комисија е кревката политичка состојба во Босна и Херцеговина, за што таа на двапати за три месеци ја посетила земјата, сепак високата претставничка објасни дека исто така е  добро запознаена со препораките на Европскиот Парламент за Македонија. 

„Македонија е на агендата на Европската Унија како и сите земји од Балканот, бидејќи Балканот не е наше соседство туку е Европа“, нагласи Могерини.

Затоа еврокомесарот Хан на денешниот прес во Брисел уште еднаш повтори, да се задржи европската перспектива, потребно е да се надминат несогласувањата во државата преку политички дијалог и со респект на меѓународните стандарди.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ