25 милиони евра вратени во стопанството!

04.03.2015 16:08

Со предвремето раздолжување кон ММФ и сервисирањето на другите обврски кои доспеваат за плаќање, Македонија останува во безбедната зона кога е во прашање големината на долгот...

Финансиска инјекција за стопанството. Се ослободуваат околу 25 милиони евра, пари кои банките може да ги пласираат во форма на кредити за компаниите. Откако државата во вторникот се задолжи за речиси 21 милион евра, ден подоцна врати 45,5 милиони евра, по основ на доспеани државни хартии од вредност.

„Министерството за финансии пушти 25 милиони евра свежи пари во стопанството за подобрување на ликвидноста, пари кои банките ќе можат да ги пласираат како кредити за фирмите. Министерството за финансии континуирано се држи до политиката за подобрување на ликвидноста во стопанството, во насока на негова поддршка и негување партнерски однос со бизнис – заедницата“, стои во соопштението од ресорното Министерство.

Со предвремето раздолжување кон ММФ и сервисирањето на другите обврски кои доспеваат за плаќање, Македонија останува во безбедната зона кога е во прашање големината  на долгот. По последните отплати, државниот долг се намали на 34,9% од БДП, а јавниот на 42,2%.

„Ова најмногу говори дали во Македонија има стабилна макроекономска ситуација, дали е стабилна состојбата со Буџетот, дали имаме или не одредени проблеми. Кога предвремено се раздолжување, кога ги враќањете долговите тоа е најдобар одговор на сè“, изјави премирерот Никола Груевски.

Според последните податоци на Евростат, кои се однесуваат на третиот квартал од 2014-та година, просечниот јавен долг на земјите – членки на Еврозоната изнесува 92,1% од БДП, додека во целата Европска унија 86,6%. Најзадолжен е југот: Грција, Италија и Португалија. Над границата од 100%, што значи дека долгот им е поголем од БДП, се и Ирска, Белгија, Кипар.

Во однос на земјите од соседството кои се дел од европското семејство, Хрватска и Словенија имаат долг од 78% од БДП, а најдобро стои Бугарија со долг од 23,6% од БДП. Најразвиената земја од поранешна Југославија, според податоците на Евростат во третиот квартал од минатата година должела речиси 29 милијарди евра.

 

Мартин Пушевски