Груевски: Заев со изјавите самиот се разобличува
Премиерот Груевски вели дека Заев почнува да гази на тенок мраз зашто колку повеќе зборува толку повеќе се заплеткува во лаги. Прашува - кој нормален граѓанин кој е чесен и работи според законите има потреба да комуницира со шифрирани пораки...

„Целата ситуација станува смешна зашто Заев колку повеќе зборува толку повеќе се заплеткува во лагите и интригите“ - ова е заклучокот на премиерот за изјавите на лидерот на СДСМ за неколкуте негирања па потврдувања на настани поврзани со случајот „Пуч“.
Груевски прашува- кој нормален граѓанин кој е чесен и работи според законите има потреба да комуницира со шифрирани пораки. СДСМ прво тврдеше дека Заев нема контакти со Верушевски, за подоцна првиот човек на опозициската партија да потврди дека не само што се познаваат туку и комуницираат, а знаел и за шифрираните пораки меѓу членовите на семејството.
„Забележавме дека Заев мртов ладен призна во телевизиско интервју дека било нормално во семејството да се допишуваат со шифрирани пораки. Целата ситуација станува по малку смешна и колку повеќе излегува на телевизија толку повеќе се разобиличува самиот себеси од лагите и интригите во кои самиот се вовлече заедно со луѓето коишто го подготвуваат ова со него“, изјави премиерот Груевски.
Комуникацијата со шифрираните пораки, според аналитичарите, ја покажало нечесната игра на Заев преку која се загрозуваат државните интереси. Во нив, меѓудругото, истрагата откри дека се зборува за бизнис, за купување автомобил за бегство од државата. Остана отворено прашањето за Заев – зошто некој би бегал од државата ако не направил кривично дело, а е патриот како што лидерот на СДСМ го нарекува еск-разузнувачот?
Се огласија бранителите од здружението „Бедем“ – велат нашот патриотизам го покажавме во одбраната на земјата и го повикаа Заев на секој бранител да му купи автомобил.
„На господинот Заев ќе му кажеме илијадници патриоти кои го ризикувале својот живот во одбрана на нашата држава, Македонија, доколку е искрен, нека им купи автомобили на вистинските патриоти“, изјави Горан Димовски, претседател на „Бедем“.
Бранителите од „Бедем“ рекоа дека патриот не може да биде некој кој соработувал со странски служби, спротивно на интересите на државата во која живее.
Миле А. Ристески
