Експлозија во рудник во Доњецк: Неизвесна судбината на десетици затрупани рудари

04.03.2015 16:53

Семејствата и пријателите на затрупаните се собрани пред влезот во рудникот Засјадко во очајна потрага за нови информации за своите блиски. И експертите се без одговор...

Повеќе од 30 луѓе загинаа во експолозија на најголемиот рудник во Донбас, додека пак се уште е неизвесна судбината на повеќе десетици рудари затрупани на околу 200 метри под земјата. До сега нема никаква комуникација со нив. Семејствата и пријателите на затрупаните се собрани пред влезот во рудникот Засјадко во очајна потрага за нови информации за своите блиски. И експертите се без одговор.

„Имаше експлозија. Не е познато каде се луѓето, ниту пак во каква состојба се. Никој не знае. Истрагата ќе покаже што точно се случило“, изјави Борис Грјадуши, научник.

Екипите на терен ги отстрануваат отровните гасови од рудникот кој се наоѓа во близина на Доњецк за да можат да стигнат до епицентарот на експлозијата. Властите во Киев се обиделе да помогнат, но, како што тврдат без успех поради воената состојба на тој дел од Украина.

„Изутрината издадов наредба да се испратат спасувачки екипи, да ги извлечат рударите од под земја. Јавно и се обраќам на Руската федерација, дајте им наредба на терористите да им дозволат на спасувачките екипи да им ги спасат животите на рударите“, изјави премиерот на Украина, Арсениј Јацењук.

Како можна причина за експлозијата се наведува мешавина меѓу гасови и воздух, а се отфрла можна артилериска престрелка. Агенциите пишуваат дека 14 рудари го напуштиле рудникот со сериозни повреди и изгореници. Еден од вработените во рудникот изјавил дека во Засјадко работи 23 години, и дека тоа му е четврта експлозија. Истиот човек изјавил дека доколку наскоро не дојдат до заробените рудари, подоцна ќе извлекуваат само тела.

Во истиот рудник во 2007 година загинаа 106 луѓе, што се смета за најголема несреќа во рудник во Украина. Поради природно високата концентрација на метан, Засјадко важи за еден од најопасните копови во светот. Во Доњецк цела зима се водеа жестоки борби меѓу проруските бунтовници и украинската војска, но според властите во последните неколку дена немало судири во областа околу рудникот.

Марина Автовска