Јанкулоска: Институционална разрешница на случајот „Пуч“

04.03.2015 17:07

Министерката за внатрешни работи е подготвена да го каже своето, ако која било институција смета дека во една правна постапка е потребна нејзина изјава за разрешница на случајот со аудио-материјалите кои ги објави лидерот на СДСМ. Според неа, тоа што го прави Заев е нешто невидено во светски рамки...

„Случајот да добие правна и институционална разрешница“ - изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска за аудио-материјалите што ги објави лидерот на СДСМ. Според неа, Заев подолг период презентира креирани разговори за кои тврди дека ги добил на незаконски начин, а и нивното објавување го прави во незаконска постапка. Јанкулоска вели дека е подготвена да го каже своето, ако која било институција смета дека во една правна постапка е потребна нејзина изјава.

„Ова што го прави лидерот на опозицијата е нешто невидено во светот, во светски стандарди и светски рамки, јас не би можела да прејудицирам што планира да објави и на кој начин ќе го направи тоа, затоа што тој ја презеде улогата да уценува кој што направил и дали направил нешто врз основа на креирани материјали кои ги добил на незаконски начин, меѓутоа секако дека ваквото негово однесување го нарушува имиџот на Република Македонија. Ја нарушува атмосферата во земјата бидејќи тој дирекно се закани на барем 26.000 луѓе кои тврди, дека доколку не се однесуваат на начин на кој тој посакува, во секој момент ќе објави нешто што ним нема да им се допадне“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Заев во последните изјави рече дека суштината на разговорите била поважна од тоа кој прислушувал.

„Секако дека има силни докази за тоа кој прислушувал, темата не е веќе кој прислушувал, темата е суштината на разговорите кои го разобличуваат грдото лице на Македонија“, рече Заев.

Премиерот Груевски пак вели дека искривени се тезите на Заев кога кажува дека не е важно што е инструмент на странска служба, дека таа странска служба потплатувала свои соработници во Македонија, дека не било важно кој направил упад во државниот систем, туку се фокусира на содржината на материјалите. Како аргумент контра тезите на Заев е и тоа дека двајца од вмешните во „Пуч“ го признаа делото.

„Ништо не е важно, важно било само да се концентрираме на содржината и ништо друго. Тоа што државата била доведена во таква ситуација од странска разузнавачка служба, тоа што тој е сега нејзин експонент, тоа не треба да го гледаме. Никого не треба да го загрижува тоа што на тој начин се загрозува и приватноста на граѓаните. Тоа се навистина искривени тези и мислам дека се повеќе Заев се чуствува како на тенок лед“, изјави премиерот Никола Груевски.

Аналитичарите коментираат дека ваквиот очаен обид на Заев да не се зборува за сите овие факти доаѓа откако се разобличило сценариото за загрозување на државните интереси и негово доаѓање на власт без избори.

 

Наташа Гркова- Петрушевска