Расте јазот меѓу САД и Европа околу големината на воениот буџет
САД не можат постојано да бидат гарант за безбедноста во Европа, додека европските сојузници не трошат на одбраната бидејќи се ослонуваат на Америка. Ова мора да престане и мора најитно да се спроведат реформи во НАТО, дури САД и да излезат од Алијансата, оценуваат експертите за безбедност во Вашингтон. Тие сепак сметаат дека НАТО мора да продолжи со проширувањето за да го зачува кредибилитетот како организација...

Се повеќе расте јазот меѓу Соединетите Американски Држави и европските сојузници околу големината на воениот буџет, па затоа НАТО треба да размисли за реформи, сметаат американски експерти во Вашингтон, кои ги спомнаа Бугарија, Британија, Латвија и Летонија како дел од земјите членки кои помалку вложуваат во вооружените сили оваа година.
„Треба да разговараме како да направиме реформи, дали преку ЕУ или друга организација, НАТО без САД, или САД како придружна членка, но време е да се сменат работите“, изјави Дог Бендоу, експерт за одбрана и надворешна политика во Институт КАТО.
Ситуацијата со Украина не треба да го запре проширувањето на НАТО, бидејќи тоа донесе стабилност во Европа.
„НАТО е отворен за европските земји кои ќе ги исполнат критериумите на Алијансата и ќе придонесуваат за нејзината безбедност. Оваа политика на отворена врата беше политички важна за кредибилитетот на НАТО од крајот на Студената војна и барањата за членство од Истокот. Важно е НАТО да го одржува овој кредибилитет како институција која ги поздравува демократските, пазарно ориентираните земји посветени на владеењето на правото и заштитата на човековите права“, вели Џејмс Голдгиер, професор на Универзитет Џорџ Вашингтон.
Безбедноста на Европа треба да биде оставена на Европа, оценуваат експертите додавајќи дека Европската унија и Алијансата треба повеќе да соработуваат при справувањето со заканите од екстремизмот и странските борци.
Според американските експерти проширувањето на Европската унија немаше да биде можно без проширувањето на НАТО.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
