Прва премиера во Велешкиот театар годинава
Во месецот на театарот, актерите од Велешкиот театар ќе ја одиграат првата годинешна премиера. Работена според раскази од Драги Михајловски, режисерот Дамјановски очекува „Приказни од шестиот кат“ да биде престава во која гледачите ќе видат реално насликани ликови...

„Приказните од шестиот кат“ од четврток започнуваат да се раскажуваат во Велешкиот театар. Драматизацијата и режијата е на Дејан Дамјановски, кој улога им даде скоро на сите актери.
„Оние кои ќе ја гледаат преставата на сцената ќе видат едно големо богатство на ликови, карактери, ситуации од секојдневниот живот, зачинети со визуелно и звучно богати сцени“, изјави режисерот Дејан Дамјановски.
Драмата „Приказни од шестиот кат“ е работена според збирката раскази на Драги Михајловски. Дејствието започнува во домот на Ричард во Калифорнија, продолжува во турбулентна Македонија за да заврши некаде далеку во потсвеста на неистражениот космос.
„Пред се убава приказна си има секој расказ, потоа има многу убави ликови, многу едноставни секојдневни ситуации, некои ситуации навлегуваат во некои правци како што е магичниот реализам на Маркез“, изјави Јордан Витанов, директор на НУЦК „ЈХК Џинот“.
„Сценографијата во преставата е на Кирил Василев, костимографијата е на Елена Дончева, авторската музика на Сашко Костов“, нагласи Васил Зафирчев, уметнички директор на Велешкиот театар.
Ова е прва премиера која годинава ја одигруваат актерите од велешкиот театар. Очекувањата се дека ке биде престава која долго ќе живее на големата сцена во новата театарска зграда.
Дијана Иванова
