Нова белгиска инвестиција во Македонија
Kомпанијата „Slabinck NV“ одлучи да инвестира во општина Гази Баба каде што за почеток веќе е обезбедена хала и работен простор во површина од околу 900 м2, кој наскоро се планира и да се прошири.

Реномираната белгиска компанија „Slabinck NV“ е новиот инвеститор во земјава, соопшти Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. .
По неколкумесечни успешни преговори со Агенцијата, компанијата одлучи да инвестира во општина Гази Баба каде што за почеток веќе е обезбедена хала и работен простор во површина од околу 900 м2, кој наскоро се планира и да се прошири.
„Со влезот на белгиски Slabinck NV ќе се отворат нови можности за вработување на нашите граѓани, но и можност за деловна соработка со голем број локални коминтенти. Значајно за нас е и тоа што во оваа почетна фаза опремата и машините се набавени од домашни компании, а во натамошниот период ќе следува и проширување на просторот и негово доопремување со најсовремена машинска технологија“, изјави заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Климент Шекеровски.
Компанијата „Slabinck NV“, која има свое седиште во градот Бриж, во провинцијата Западна Фландрија, се занимава со ласерско сечење и обработка на метали, а воедно е и еден од најголемите клиенти на веќе присутен инвеститор во една од технолошко индустриски развојни зони.
„Сигурен сум дека ова ќе биде добра препорака и за моите деловни партнери од Белгија и пошироко за инвестирање во Македонија каде што наидовме на одличен прием“, вели главниот извршен директор на компанијата, Лук Слабинк.
Според најавите на инвеститорот, се очекува вредноста на целокупната инвестиција да достигне околу 3 милиони евра.
