Кошарка - НБА

Вестбрук како Џордан!

05.03.2015 12:53

Иако со заштитна маска на лицето, четврти натпревар по ред Вестбрук оствари „трипл – дабл“ што последен пат му успеало на легендарниот Мајкл Џордан пред 26 години...

Расел Вестбрук блеска, без помошта на повредениот Кевин Дурент ја одржува Оклахома во плеј – оф зоната и се наметнува како прв кандидат за МВП на лигашкиот дел од НБА сезоната. Иако со заштитна маска на лицето, четврти натпревар по ред Вестбрук оствари „трипл – дабл“ што последен пат му успеало на легендарниот Мајкл Џордан пред 26 години. Тандерс славеа против Филаделфија по продолжение со 123:118, а Вестбрук реализираше 49 поени, 16 скока и 10 асистенции.  Со 34-та победа, Оклахома и натаму е осма во западната конференција пред конкурентите коишто исто така триумфираа, Њу Орлеанс против Детроит со 88:85 и Феникс на гости кај Орландо со 105:100.

Голден Стејт повторно и се доближи на победа  на најуспешната екипа, Атланта откако славеше против Милвоки со 102:93. Дрејмонд Грин беше најрасположен со 23 поени и 12 скока, Стефон Кари имаше 19 коша и 11 асистенции.

Во дуелот на трето и четвртопласираниот на „истокот“, Торонто и Кливленд, триумфираше гостинот со 120:112, благодарение најмногу на 29-те поени на Леброн Џејмс кој 19 од нив постигна во последниот период.

Мемфис се зацврсти на  втората позиција на „западот“ по победата кај Хјустон со 102:100, со кошот на Марк Гасол во последната секунда. Шпанецот беше најефикасен со 21 поен.

Во другите дуели: Индијана - Њујорк 105:82, Бостон - Јута 85:84, Бруклин - Шарлот 91:115, Минесота - Денвер 85:100, Мајами - Лејкерс 100:94, Сан Антонио - Сакраменто 112:85 и Клиперс - Портланд 93:98 по дополнителни пет минути.