Расте извозот- во јануари достигна 335,7 милиони долари

05.03.2015 13:26

Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик ...

Во јануари годинава Македонија вкупно извезла стоки во вредност од 335,7 милиони американски долари, а увезла стоки вредни 422,4 милиони долари. Покриеноста на увозот со извоз е 79,5 отсто, а трговскиот дефицит изнесува 86,7 милиони долари, соопштуваат од Државниот завод за статисатика. Податоците покажуваат дека во јануари годинава, споредено со истиот месец од минатата година, извозот пораснал за 4,8%.  

Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав.

Најмногу стоки, 80,1 отсто се извезени во земјите-членки на ЕУ по што следат земјите од Западен Балкан со 8,4 проценти. Најголем увоз, 64,6 отсто е направен од земјите-членки на ЕУ, а по нив следат Останати земји, на друго место неспомнати со 11,2 проценти.

Република Македонија во јануари годинава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Бугарија, Кина и Србија со кои е реализирана 55,3 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.