УКИМ: Успешно заврши четвртата надворешна евалуација
Експертскиот тим посебно ја истакна и ја поздрави определбата на првиот државен, најголем и најдобро рангиран универзитет во државата - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за спроведување континуирана надворешна евалуација...

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е успешно завршена четвртата надворешна евалуација од страна на експертски тим номиниран од Европската асоцијација на универзитети, соопштуваат од Универзитетот.
По завршување на втората четиридневна посета, на 4-ти март оваа година, пред академската заедница на УКИМ, од страна на експертскиот тим на Европската асоцијација на универзитети бил презентиран прелиминарен извештај за четвртата надворешна евалуација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Експертскиот тим посебно ја истакна и ја поздрави определбата на првиот државен, најголем и најдобро рангиран универзитет во државата - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за спроведување континуирана надворешна евалуација, четврта по ред, од 2003 година, како значаен придонес во развивањето на културата на квалитетот, соопштуваат од УКИМ.
Во рамките на еваулирањето на сите дејности на УКИМ - интеграцијата, наставно-образовната и научната дејност, интернационализацијата, соработката со стопанството, мобилноста на студентите и академскиот кадар итн., од експертскиот тим се изнесени највисоки позитивни оценки, со што се потврдува местото и угледот на Универзитетот во домашното и меѓународното опкружување, стои во соопштението.
