Иванов за „Ле Темп“: Македонија се чувствува „напуштена“
Мораме да бидеме внимателни со незадоволството на населението. Оваа ситуација на ќор-сокак која трае десет години произведува голема фрустрација, вели претседателот Иванов во интервју за швајцарски „Ле Темп“...

„Македонија се чувствува заборавена, напуштена, од Европејците“, изјави претседателот, Ѓорге Иванов во интервју за швајцарскиот весник „Ле Темп“. Тој одговара и на прашањето за случајот „Пуч“.
„Вие најверојатно се повикувате на случајот со нелегално прислушкување со кои лидерот на опозицијата се обидува да привлече внимание на него. Од почетокот на овој случај, јас интервенирав за да побарам од државните институции да дејствуваат брзо и да ги казни оние кои го прекршиле законот“, вели Иванов.
За тоа дека еден известувач на Европскиот парламент зборува за „многу опасна ситуација“ во земјата, македонскиот претседател вели:
„Мораме да бидеме внимателни со незадоволството на населението. Оваа ситуација на ќор-сокак која трае десет години произведува голема фрустрација. Тоа е како да се бара од нас да се движиме напред со велосипед кој не го опремуваме со педали. На надолнини, тој се уште може да се движи, но, штом има нагорна патека, тој може да запре“, нагласува претседателот Иванов.
На прашањето - дали Македонија е „запрена“ во нејзиниот пат, претседателот Иванов одговара:
„Далеку од тоа. Ние го искористивме ова време да се посветиме на економијата. Го сменивме нашиот даночен систем, создадовме слободни економски зони, воспоставивме привилегии за странските инвеститори. Нашата економија е една од ретките во моментов со раст во регионот. Но, тоа не ги спречува фрустрациите, кои се акумулираа. На крајот на краиштата, единствениот начин вистински да се трансформира нашата економија е членството. Ние не може да го направиме тоа сами“, вели Иванов.
