Ракомет – СЕХА лига

Вардар против Веспрем, вистинско финале на СЕХА лигашкиот дел

05.03.2015 15:19

Тоа ќе биде вистинско финале на групната фаза на двата најдобри клуба, актуелниот шампион против лидерот на табелата, кои обезбедија директно учество на „Фајнал фор“ во регионалната лига и во меѓувреме се пласираа меѓу 16 најдобри во Лигата на шампионите...

Ракометарите на Вардар ги завршуваат лигашките настапи во СЕХА лигата против екипата на Веспрем. Тоа ќе биде вистинско финале на групната фаза на двата најдобри клуба, актуелниот шампион против лидерот на табелата, кои обезбедија директно учество на „Фајнал фор“ во регионалната лига и во меѓувреме се пласираа меѓу 16 најдобри во Лигата на шампионите.

„Од аспект на нашите позиции, натпреварот против Веспрем не е толку значаен. За нас е најважно што победивме во Прешов и го обезбедивме второто место во групата. Не можеме да бидеме ниту први, ниту пак трети, исто како што Веспрем е сигурно прв на табелата“ – изјави Раул Гонзалес, тренер на РК Вардар.

Иако двата ривала ќе играат без психолошки притисок, тренерот на „црвено- црните“ најавува дека шанса ќе добијат сите од клупата, што не значи дека нема да се оди на победа.

„Ќе бидеме порелаксирани и ќе им дадеме шанса на сите да заиграат. Особено затоа што имаме повредени ракометари кои очекуваме да се опорават до натпреварот со Висла од Лигата на шампионите. Имаме уште неколку тренинзи по кои ќе знаеме со кои играчи располагаме, но без оглед на се, против Веспрем ќе играме на победа“ – заврши Раул.

Пресметката со унгарскиот шампион е четврта сезонава за најтрофејниот македонски клуб. Претходните три ги доби Веспрем, вклучувајќи ги и двата од ЛШ, па саботниот меч е шанса за вардарци да му го нанесат првиот пораз на лидерот. Натпреварот се игра во „Јане Сандански“ со почеток од 20.15 часот и пренос на Собранискиот сервис.