Нов оглас: 1.000 млади лица ќе бидат опфатени со програмата за практикантство
Во тек е огласот за пријавување преку кој приватните компании ќе имаат можност да најдат соодветен млад кадар, а невработените да добијат пракса и шанса за вработување. За оваа мерка Владата одвои 18 милиони и 600 илјади денари...

Околу 1.000 млади до 29 годишна возраст и годинава ќе бидат опфатени со програмата за практиканство. Во тек е огласот за пријавување преку кој приватните компании ќе имаат можност да најдат соодветен млад кадар, а невработените да добијат пракса и шанса за вработување. За оваа мерка Владата одвои 18 милиони и 600 илјади денари.
„Агенцијата за вработување финансира 6.200 денари месечно со платен персонален данок и осигурување при повреда при работа, со тоа што компаниите немаат никаква обврска во однос на задржување на одреден број од практикантите, но бројките покажуваат дека значителен е бројот на млади лица кои откакот ќе ја поминат праксата се стекнуваат со работен однос“, вели Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
Преку програмата, изминативе шест години од 1.400 практиканти кои потпишале договори биле вработени 1.070.
„Се надевам дека и оваа година ќе биде успешна. Ќе го исполниме максимално бројот од илјада лица и во наредната година ќе бараме дополнителни средства за поголем опфат на млади кои ќе сакаат да бидат практиканти, а воедно по тоа и вработени во оние практиканти каде што ќе практицираат“, изјави Влатко Поповски, директор на АВРМ.
Оваа осигурителна компанија е пример за успешноста на проектот. Околу 70% од младите луѓе кои тука се стекнале со пракса, добиле трајно вработување.
„Ќе продолжиме да учествуваме во Програмата за практикантство, како и во останати програми кои ќе им овозможат уште подобар квалитет на човечките ресурси и подобри услуги и резултати“, рече Зоран Нарашанов, генерален директор на осигурителна компанија.
Досега во рамките на програмата за практиканство учествувале над 150 компании од различни сектори, најчесто од осигурителните и здравствените услуги, производството, правните и сметководствените бироа.
Сунчица Николоска
