Снегот не предизвика поголеми проблеми, во полошко наврнаа 10-тина сантиметри
Снегот не предизвика поголеми проблеми во земјава. Најмногу наврна во северозападните предели. Надлежните информираат дека сите патишта се чисти и проодни. Забрана за тешки товарни возила има на Стража и кон Дебар. На Маврово и на Попова Шапка се очекуваат нови 20 сантиметри...

Во полошко интензивно врне снег уште од утрото. Во градовите се создаде снежна покривка од речиси 10-тина сантиметри, но не предизвика никакви проблеми, покрај вообичаениот сообраќаен метеж.
Врнежите се особено интензивни на планините и повисоките места, но нема информации за непроодни патишта и отсечени предели.
За искуството да се вози по вакво време поразговарав со возачите што поминале по автопатот Гостивар – Тетово.
„Чисто беше, немаше снег, може да се вози без проблем... Некогаш чистат, некогаш не... Три пати се разминав со камион кој чистеше...“, велат возачите кои ги анкетиравме.
Од тетовската секција на Македонија пат, велат дека сите патишта се чисти и проодни. Нивните екипи редовно интервенираат на автопатот Скопје – Гостивар, магистралата Тетово – Јажинце, а нема проблеми ниту на патот кон Попова Шапка.
„Немаше проблеми, ние работиме во континуитет, патиштата се чисти и слободно може да се вози“, изјави Меваип Љоки, Македонија пат - Тетово.
Забрана за тешки товарни возила има на планинскиот превој Стража, како и на патот Маврово – Дебар.
Метеролозите најавуваат дека врнежите од снег во полошкиот регион ќе продолжат во текот на ноќта особено на планините и на повисоките места. Новиот снег е добредојден најмногу за зимските центри Маврово и Попова Шапка, каде се очекува снежната покривка да се големи за над 20 сантиметри.
Влажниот бран се очекува да продолжи со снег на планините во западните и интензивен дожд во останатите предели од земјава.
Зоран Јованоски
