Половина од есенските посеви во Пелагонија се уништени
На прагот на пролетната сеидба не може да се дефинира сеидбениот план. Поднесени се околу илјада барања за отштета на земјоделците од поплавите пред еден месец...

Родот од есенските посеви во Пелагонија ќе биде преполовен. Од 40-50 проценти се првичните просечни проценки за штетата што зад себе ја остави полавата врз земјоделските површини, велат од општинските комисии за проценка. Од поднесените над 1.000 предмети во трите пелагониски општини веќе се обработени третина од нив, главно во најударните точки каде што беснееше водената стихија.
„Сликата е стравична, во најпогодените реони има оштетување на парцелите од 80-100 отсто. Во останатите подрачја штетата е помала, но сепак ако се земе еден просек штетите врз есенските посеви ќе се движат околу 50 отсто“, вели Стевче Стефановски, претседател на новачката Комисија за проценка на штетите во земјоделието.
Најавените нови врнежи од над 20 литри дожд на метар квадратен ја продлабочуваат пелагониската земјоделска агонија. Ова е време кога се подготвувавме за почеток на првата фаза за пролетната сеидба. Влажноста е голема, механизацијата сеуште не може да влезе, оптмалните рокови ќе бидат пробивани, а сеидбениот план не може да се дефинира. Единствено знееме дека приносите ќе бидат очајни, велат пелагониските земјоделци.
„Гледате и сами оваа е само една од парцелите што е 100% уништена. Кој може во вакви услови да каже каква пролетна сеидба ќе имаме. Штетите се толку големи што и родот од есенските посеви ќе биде преполовен“, вели земјоделецот од Новаци, Миле Мицевски.
За да се зачува квалитетот и на она што преживеало, експертите апелираат да се спроведат агрохемиски анализи на почвата.
„Со тие анализи ќе се види кои микро и макро елементи ги содржи почвата, а потоа да се утврдат агротехничките мерки што ќе ја подобрат кондицијата на почвата“, изјави раководителот на оделение во АПРЗ, Зоран Бардаковски.
Според состојбите на теренот и прогнозите на синоптичарите, немирниот сон на пелагониските земјоделци, започнат од есеноска ќе продолжи и пролетва.
Стевче Митревски
