120 интервенции за две години: Детската кардиохирургија одлично напредува
14 операции на срце кај деца извршија македонските и американските доктори во последниве две недели на Детската кардиохирургија. Пет неделно бебе е најмладиот пациент. Докторите задоволни од процентот на успешност. За две години со проектот се извршени 120 интервенции...

Пет неделно бебе со тешка срцева мана успешно е оперирано на детската кардиохирургија. Тимот од македонски и американски доктори за две недели ја вратија радоста во уште 14 други семејства. Докторите се задoволни од успешноста на операциите.
„Овој пат успеавме да направиме една многу уникатна успешна постапка врз дете кое беше многу болно. Ќе изведеме уште вакви успешни операции и ќе го обучиме персоналот“, изјави д-р Герет Морган Лондон - интервентен кардиолог од САД.
„Програмата е ефикасена имаме доктори македонци кои ќе се грижат за македонците и тоа е долгорочна должност. Мораме сите да работиме напорно. Педијатрите, кардиолозите, хирурзите. Ние се обидуваме и ние успеваме“, додава д-р Марчело Кардалери- американски кардиохирург.
Прогнозите се дека за две години македонските хирурзи самостојно ќе можат да оперираат детски срца. Се покомплесни интервенции се изведуваат во земјава, само мал дел од децата се праќаат во странство.
„Околу 95 посто од случаите ги третираме во Македонија, а само 5 посто надвор од Македонија. Две дечиња беа екстремно комплексни и бараа екстремен интензивен и инвазивен надзор и двете беа пратени во Лондон“, изјави д-р Владимир Чадиковски, Клиника за детска хирургија.
„Околу 50 проценти од интервенциите се направени од наши доктори со учество на наш детски кардиохирург. Што покажува дека целиот овој процес на градење на детската кардиохирургија одлично напредува и одлично се етаблира“, нагласува министерот за здравство, Никола Тодоров.
За две години во детската кардиохирургија тимот на македонски и американски хирурзи успешно оперираа 120 детски срца.
Андријана Атанасовска
