Сведоштво за идните генерации: Промовирани нови наслови од едицијата „Македонски искушенија“
Овој проект на Владата и Министерството за култура е производ од документарните филмови кои јавноста имаше можност да ги види на програмите на Македонската телевизија...

Научно верифицирани факти, аргументи и толкувања за долгата историја на македонската борба за државност и самостојност. Ова е содржано во трите нови наслови од капиталната едиција „Македонски искушенија“ промовирани денеска. Овој проект на Владата и Министерството за култура е производ од документарните филмови кои јавноста имаше можност да ги види на програмите на Македонската телевизија.
„Проектот „Македонски искушенија“ е сведоштво за идните генерации, документ од кој, како што рече, младите и во иднина ќе може да црпат чувство на припадност и идентитет“, изјави министерската за култура Елизабета Канческа Милевска.
Минатата година беа промовирани 14 изданија од овој значаен проект, а со новите три тома, секој граѓанин ќе може да се наврати на почетоците на македонската историја во јадрото на Горна Македонија каде започнува постепеното создавање и ширење на единствената силна Македонска монархија од Пердика до Филип Втори и Александар Македонски.
„Благодарение на научните истражувања, анализи и согледби, ние денес можеме да создадеме една реална слика за долговековниот од по маките на нашите предци, но и за заблудите и предавствата на многумина во пресудни времиња“, нагласи Раде Силјан, главен и одговорен уредник на проектот.
„Сегмент од еден голем опфат на македонската историја, којшто почнува од базичната теза на идентитетот на современата македонска нација“, рече промоторот Владо Поповски.
Да се познава сопствената историја значи да се биде свесен за процесите на индивидуалното и колективното зреење на генерациите кои се раѓале, растеле и умирале на македонската раскрсница на цивилизациите. Генерациите пред нас, се паметат по трагата што ја оставиле зад себе. Тие ќе живеат толку, колку што ќе се споменуваат и запишуваат овие монументални траги на минатите векови.
Александра Перевска
