Можност за сопствен бизнис: 3.000 евра грант за оригинални бизнис идеи
Досега преку проектот за сопствен бизнис се отворени 5.100 работни места. Речиси 80 проценти од фирмите успеале и да го прошират бизнисот да вработата нови лица...

Невработените со оргинални бизнис идеи ќе добијат финансиска поддршка за отпочнување сопствен бизнис. Владата ги повика да аплицираат за грантови кои изнесуваат 3.000 евра за секој успешен бизнис план. Конкурсот е веќе објавен, трае до 10-ти март. За да се стимулираат ќе добијат и дополнителни 250 евра за бизнис планот и совети кои треба да им помогнат да станат успешни бизнисмени.
„Станува збор за сериозни износи за околу 214 милиони денари што ќе се доделат или околу 3,5 милиони евра. Сите невработени лица кои имаат некаква бизнис идеја разработена во главата, да аплицираат на јавниот повик. Предност ќе имаат оние кои ќе имаат најдобар бизнис план кој укажува дека фирмата ќе има побрз раст“, посочи премиерот Никола Груевски.
Досега преку проектот за сопствен бизнис се отворени 5.100 работни места. Речиси 80 проценти од фирмите успеале и да го прошират бизнисот да вработата нови лица. Според премиерот Груевски ова е потврда за оправданоста на овој проект и неповратниот капитал..
„Овој начин досега се покажа за успешен и од аспект од дадените грантови. 70 до 80 проценти од досега дадените грантови завршија со успех, во смисла дека фирмите кои беа формирани, работат, растат и продолжуваат да се шират“, нагласи премиерот Груевски.
Во проектот може да се вклучат и занаетчии кои покрај овие пари ќе добијат и пари за закупнина. Повеќе од 20.000 невработени лица аплицирале во програмата и покажале желба да започнат свој бизнис.
Дијана Ценевска
