Груевски: Во правото важни се фактите

05.03.2015 17:11

Премиерот Груевски вели дека кај граѓаните нема да помине теоријата – еден на друг да си поднесуваме кривични пријави па во лицата на луѓето да изгледаме исто...

Во правото не се гледа бројот на кривични пријави, туку се цени нивната тежина. Според законот не се мери квантитавно, туку се гледаат фактите и аргументите, е ставот на премиерот Никола Груевски за новите кривични пријави од СДСМ доставени до Јавното обвинителство. Менувањето на ставовите на Заев и невистините што тој ги пласира нема да добијат поддршка од граѓаните. Откако беше разобличено неговото сценарио, преку соработка со странски служби да се загрозат државните интереси,  Заев отиде подалеку па побара да не се коментира кој прислушувал,туку содржината на разговорите. Според премиерот, прислушувањата што ги презентира Заев се нелегални.

„Теоријата дека еден на друг ќе си пуштиме што повеќе кривични пријави, па во лицата на луѓето ќе изгледаме сите исто, нема да помине кај граѓаните. Тоа релативизирање Заев го прави и во неговите изјави од типот дека не е важно кој снимал, дали снимал Заев дали снимал некој друг. Како што тргнал нема да ме изненади дека се шегувал дека јас и Сашо Мијалоков сме снимале како што тврдеше. Едноставно нема став со она што настапува“, изјави премиерот Никола Груевски.

Груевски обелодени дека на последната средба со еврокомесарот во Скопје, Хан му предочил дека Брисел размислува за испраќање европратеници во Македонија како олеснувачи во политичкиот дијалог и еден правен експерт што би го набљудувал судскиот процес. Ова за премиерот е прифатливо бидејќи како што рече,  фактите и аргументите се неспорни.

„Јас му кажав дека што се однесува до мене како премиер, што се однесува до Владата, ние нема да имаме ништо против. Напротив, не еден, 11 нека прати, затоа што фактите и аргументите се добро познати, зошто кој и да дојде ќе се увери во тоа што го презентиравме пред македонската јавност“, рече премиерот Груевски.

Груевски несакаше да коментира, како што рече хипотетички тези, прашан за предлогот на Заев за формирање преодна влада до расчистување на случајот прислушување. Премиерот уверува дека Македонија има извршна власт што е подготвена да работи до завршување на нејзиниот мандат.

 

Милчо Велески