САД- Израел: Затегнати односи меѓу старите сојузници

05.03.2015 17:34

Линијата на раздорот меѓу традиционалните сојузници се нуклеарни амбиции на Иран во непосредна близина на џихадистите од Исламска држава...

Не стивнуваат реакциите по обраќањето на израелскиот премиер Нетанјаху на покана на републиканското мнозинство во Конгресот на САД, пречекан со неодобрување од демократите и администрацијата на претседателот Обама. Линијата на раздорот меѓу традиционалните сојузници се нуклеарни амбиции на Иран во непосредна близина на џихадистите од Исламска држава.

„Повеќе од една година ни велат дека никаков договор е полош од лош договор. Ова е лош договор. Многу лош договор. Подобро е да го немаме“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Во однос на клучниот проблем – како да го спречиме Иран да се здобие со нуклеарно оружје, што ќе го направи многу поопасен и ќе му отвори простор за поширока акција во регионот, Нетанјаху не понуди одржлива алтернатива“, рече претседателот на САД, Барак Обама.

Пред истекот на рокот за договор на крајот на месецов, аналитичарите со големо интересирање го следат судирот меѓу двата политички џинови од кој треба да излезе еден победник по навредата. За Нетанјаху, две недели пред парламентарните избори во Израел  прашањето е дали ќе биде перцепиран како храбар лидер или како пречка за постигнување мир со Палестинците.

„Во Конгресот сум веќе 23 години и ова беше најсилната и најпозитивната реакција што сум ја видел од странски лидер. Беше во многу чувствителна положба, но се снајде, со почитување, но цврсто“, вели Питер Кинг, републикански конгресмен.

„Говорот на Нетанјаху нема да помогне за врската меѓу Обама и Израел, може само да и наштети. Подобро да не го одржеше тој говор и да останеше во Израел“, смета Карни Мазали, жител на Тел Авив.

И за Обама влогот е перцепцијата на јавноста пред истекот на последниот мандат, кога се соочува со постојани пречки од Републиканците на планот на реформите на здравството и емиграцијата, додека потфрла по главното предизборно ветување – да ги повлече американските војници фронтот додека кризите во светот неконтролирано ескалираат и се шират. Во моментов Израелците стравуваат дека ако биде избран Нетанјаху ќе се соочат со две години отровни односи со Белата Куќа, додека Палестинците стравуваат дека ако ја изгубат поддршката демократите, на кормилото на блискоисточните односи ќе застанат републиканците од САД.

 

Ивана Салтировска