Невладиниот сектор во Струга со проект за превенција од трговијата со луѓе и трудовата експлоатација

06.03.2015 11:43

Злоупотребата на човековиот труд и трговијата со луѓе и натаму е загрижувачка појава. Информирањето за неа е многу битно, со цел да се избегнат замките што ги носи животот. Невладиниот сектор во Струга со проект за превенција против ова зло...

Годишно на светско ниво се тргува со 12.3 милиони жени, деца и мажи заради трудова и сексуална експлоатација како и заради должничко ропство. Невладиниот сектор како и државниот инспекторат за труд и трудова инспекција и националната комисија за борба против трговија со луѓе прават напори за намалување на бројот на работно ангажирани лица кои не се социјално осигурани но и за безбедноста и заштитата при работа.

„Посебно е застапена трговијата со луѓе, па трудова експлоатација во текстилниот, градежниот, угостителскиот и земјоделскиот сектор. За таа цел НВО Езерка од Струга работи на едукација на младата популација која што е вработена во овој сектор,  за непотпишување на бланко договори, за запознавање на своите права, бидејќи многу лесно влегуваат во ланецот поради неинформираноста во трговијата со луѓе како трудова експоатација“, изјави Драгица Павлеска Попоска – Невладина организација „Езерка“ Струга.

Со неконтролираното користење на интернет, неинформираноста за правилно користење на социјалните мрежи и визната либерализација се голем ризик за лесно станување на жртва на трговија со луѓе. Насилството кај младиот човек според невладините организации треба полесно да биде сватено и со самото тоа да биде потисната оваа појава.

„Јас сепак мислам дека младите поучени од сегашнава ситуација каде што насилството го има на секој чекор би требале да подразмислат малку за сопственото битисување на овој век, и да превземат некои одредени мерки кон самодокажување со тоа што прво ќе почнат да се почитуваат самите себеси како личности а понатаму ќе ги прошират своите видици“, вели Снежана Јованоска од струшкиот невладин сектор.

Големата желба на младите за лесна заработувачка во западно европските земји, нивната неинформираност, желбата за патување во егзотични предели ја користат трговците со луѓе за врбување и вовлекување на младите во синџирот на трговијата со луѓе.

 

Јованчо Наумоски