Велес: Се забрзува процесот за легализација на дивоизградените објекти
Седумдесет семејства од Велес се офајдија со документ за легализација на дивоизградените домови, станаа сопственици на имотите. Општината полесно ќе ги носи измените на урбанистичките планови...

Седумдесет граѓани од Велес денеска си ги подигнаа решенијата за легализација на дивоизградените објекти. Семејствата го решија сопствениот проблем засегогаш и од сега ќе можат слободно да располагаат со своите имоти.
Велес имаше голем број дивоизградени објекти. Со легализацијата се создаваат услови за измени на урбанистичките планови. Од 7.800 поднесени апликации досега се решени околу 3.000.
„Продолжуавме со легализацијата, неделно обработуваме од 50 до 70 барања од наши сограѓани“, изјави градоначалникот Славчо Чадиев.
Во Македонија беа поднесени 350 илјади барања за легализација на нелегалните градби. Од нив се решени 33 проценти. За голем број од барањата недостигаат елаборати во апликациите, вели министерот Јанакиески.
„За сите семејства кои примаат социјална помош, Агенцијата за катастар на недвижности, по нивно барање изготвува бесплатни елаборати“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Од Агенцијата за Катастар информираат дека се подготвени да ги прифатат сите решенија и до крајот на оваа година да ги изработат елаборатите. Потоа во следните две години општинските служби ќе треба да го завршат процесот на легализација.
Дијана Иванова
