Антикорупциска реализирала 79% од планираните активности
Не ретко институциите не ги реализираат легислативните промени, вели првиот човек на Антикорупциска, Сламков. Според него, „прислушување“ треба да добие правна завршница...

Во периодот 2011-2015 година Антикорупциска реализирала 79 проценти од планираните активности. Не ретко институциите не ги реализираат легислативните промени, вели првиот човек на Антикорупциска, Сламков. Според него, „прислушување“ треба да добие правна завршница. До јавното обвинителство лани биле поднесени 7 иницијативи за кривично гонење.
„Ние не сме институција сами во системот, ние сме институција врзана со другите во системот. Согласно со законските одредби ние може да одиме до одреден степен, но таму кадешто се бараат кооперативни активности се обраќаме до други институции“, изјави претседателот на ДКСК, Ѓорѓи Сламков.
И натаму најслабите алки се политичкиот и граѓанскиот сектор, стои во анализата. Како генератори на проблемите на корупцијата се посочува и носењето закони по итна и скратена постапка. Антикорупционерите бараат и затворање на банкарска сметка за финансирање на кампањите со доставувањето на финансискиот извештај. Иако имаме закон со кој се регулира лобирањето, тоа е како што вели Мирјана Димовска, мртво слово на хартија. Од 2002-та пак досега, 140 иницијативи обвинителството не ги операционализирало во предистражна или истражна постапка.
„Се трансформираат нашите иницијативи во обични кривични пријави. Тие се алатка што му стои на располагање на секој граѓанин или неука странка. Државната комисија не е тоа. Нашите иницијативи содржат висок степен или пред се неколку сериозни основи за сомневање дека делото е направено, но немаме многу успех кај обвинителот“, вели Мирјана Димовска, член на ДКСК.
Министерството за правда е целосно посветено на реформите во правосудството,вели министерот Јашари. Со измените во законот за спречување корупција ќе се воведе нов регистар за избраните функционери и ќе се формира совет за утврдување факти.
„Во зависност од фактите и доказите што ќе се утврдат,С оветот ќе реши дали ќе се покрене или не дисциплинска постапка“, рече министерот за правда Аднан Јашари.
Неговата улога, појаснува ресорниот министер ќе биде само да предлага мерки, а не да решава. Досега таа улога ја имаше Судскиот совет.
Милчо Велески
