Презентирани програмите на ЕУ 2014-2020
Во следниот период ќе бидат вршени презентации и низ институциите на терен...

Презентација на условите од Секретаријатот за европски прашања пред бизнисот , банкарите, невладиниот сектор. Колку е поголема искористеноста на ИПА и програмите на Унијата, земјата е поблиску до ЕУ. Во следниот период ќе бидат вршени презентации и низ институциите на терен.
Во периодот од 2007 до 2013 година, како што информираше вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими за влезни билети за програмите се потрошени 11,3 милиони евра, од кои 8 од ИПА а три од националниот буџет. Од програмите на ЕУ македонските граѓани искористиле над 20 милиони евра.
Македонија треба и има средства, истакна Бесими, да ги искористи можностите што ги нудат програмите на ЕУ до 2020.
Презентирани беа: Хоризонт 2020 (79 милијарди евра) за истражување на транснационални проекти, мрежи, колаборативни проекти, заедничко истражување и меѓународна соработка; Европска програма за конкуретност на мали и средни претпријатија - КОСМЕ (2,3 милијарди евра) - политики за мали и средни претпријатија, индустрија, истражување, иновации, туризам и трговија; Програма за вработување и социјални иновации (919,46 милиони евра) - вработување и социјални прашања; Еразмус + (14,7 милијарди евра) - Образование, обука, млади и спорт; Програма „Европа за граѓаните“ 2014-2020 (185,5 милиони евра - Граѓанство и партиципација; Програма „Креативна Европа - Култура“ (438,8 милиони евра) - Култура; Програма „Креативна Европа-Медиа“ (804,5 милиони евра) - Медиуми; Царина 2020 и Фискалис 2020 (777,6 милиони евра) - Царина и оданочување и Живот + (3,4 милијарди евра) - Животна средина, природа, климатски промени.
