Фудбал – Прва лига

Викендов само Работнички - Турново

07.03.2015 00:32

Меѓусебниот дуел во првобитниот термин ќе го одиграат само Работнички и Турново. Само шест дена откако ги одмерија силите во последното коло од вториот круг, одново ќе наидат еден на друг и тоа пак на нашиот најголем стадион, утре од 14 часот.

Само еден натпревар ќе биде одигран претстојниов викенд од домашниот фудбалски шампионат. Снегот, дождовите и оштетените терени на стадионите се причина што 19-то коло од прволигашката конкуренција ќе се развлече дури до среда. Во Тетово и во Кратово нема и нема да има нормални услови за фудбал, но тоа не значи дека ќе има целосно одложување како во некои од земјите од поблиското опкружување. Надежта е дека во наредните четири-пет дена ќе бидат надминати последиците од лошото време.

Меѓусебниот дуел во првобитниот термин ќе го одиграат само Работнички и Турново. Само шест дена откако ги одмерија силите во последното коло од вториот круг, одново ќе наидат еден на друг и тоа пак на нашиот најголем стадион, утре од 14 часот. За теренот на Арената „Филип Втори“ да не биде оштетен со два меча за само 24 часа со оглед дека на крајот на месецов двапати на него ќе игра македонската репрезентација, двобојот Вардар-Металург е презакажан за во вторник од 14 часот. Според одлуката на комесарот на ФФМ за натпреварување Васко Дојчиновски, тогаш ќе се игра и дуелот во Тетово меѓу Ренова и Брегалница. За ден подоцна, за среда во истиот термин се планирани мечевите Шкендија-Пелистер и Силекс-Тетекс.