Ќе има ли промени во кошаркарскиот врв?
07.03.2015 00:38
Кому му пречи легалната работа на Федерацијата, кому му пречи континуираниот настап на завршниците на европските првенства, кому му пречи тоа што титулите кај нас ги освојуваат најдобрите екипи и кому му пречи што во МКФ нема политика?

Кој кого сака, односно кој кого не сака? А има ли некој што сака некого? Толку многу, болдирано и во наводници „сакање, односно несакање“ (ова е лична проценка), на волку мало парче земја, процентуално земено, нема никаде на белиов свет.
И... да не се загубиме во просторот и времето, коментаров е за иницијативата за смена на претседателот на Македонската Кошаркарска Федерација. Нашиот став не е ниту за, ниту пак е против, туку само регистрира, онака, од надвор... и по малку... од внатре.
Иницијативата за собир на највисокиот орган во македонската кошарка, свикува КК Карпош Соколи, со потпис на вкупно 22 клуба, со цел промена на првиот човек на МКФ. Од екипите во елитната конкуренција, меѓу потписниците се подносителот Карпош Соколи, МЗТ Скопје Аеродром, Кожув, Водњански лисици, Гоце Делчев и Фени индустри.
Според член 36 од Статутот на МКФ, во ваков случај претседателот е должен да свика Собрание во рок од 14 дена, по приемот на барањето од најмалку една петтина од вкупниот број членови на тоа собрание. Нашето кошаркарско собрание брои 34 ентитети, барање може да поднесат најмалку 7. Ако не биде свикано собрание најдоцна до 20 март, тогаш иницијаторот има право самиот да ја свика седницата.
Одговара и претседателот на МКФ, Даниел Димевски, со свои аргументи:
Кому му пречи легалната работа на Федерацијата, кому му пречи континуираниот настап на завршниците на европските првенства, кому му пречи тоа што титулите кај нас ги освојуваат најдобрите екипи и кому му пречи што во МКФ нема политика? Барањето е фалсификат затоа што не е на образец на МКФ, затоа што го поднесува лице суспендирано во нашата кошарка, затоа што на редовното собрание на 25 февруари клубовите едногласно му изгласаа доверба на раководството. Барањето е фалсификат, затоа што било желба на поединци... Ова се зборовите на Даниел Димевски, во писмото објавено на сајтот на Федерацијата.
Има уште, но тука ќе застанеме. И ќе чекаме. Да видиме до кога ќе се јадеме меѓу себе. А, чекаат и ФИБА и Олимпискиот комитет. Ние ќе се шегуваме со вакви коментари на наша сметка, но тие нема да се шегуваат. Симболично кажано, ако грст луѓе на метар квадратен не може да се согласат околу основните принципи на функционирање, едноставно, ќе не суспендираат.
А не чека завршницата на домашниот шампионатот, не чека лето што треба да биде исполнето со подготвителни натпревари за претстојниот Евробаскет, не чека селекција на најдоброто што Македонија го има на овој и на другиот континент, на есен не чека нов репрезентативен (од национален интерес) предизвик на континенталниот собир.
