Кошаркарскиот шампион контра претседателот на МКФ Даниел Димевски

МЗТ Скопје би го поддржал Петар Наумоски

07.03.2015 15:22

Од МЗТ велат дека недовербата кон Димевски не му е откако остана без Купот, туку уште од мај 2014. Тогаш клубот не се заангажирал повеќе само за да не го опструираат Димевски во кампањата за претседател на ФИБА. Незадоволството се зголемило со тензиите при воведувањето на правилото за шест странци во клубовите, а потоа и со неговото вмешување во работата на Здружението на клубови при прекинот на мечот Работнички-МЗТ.

МЗТ Скопје Аеродром бурно реагира на обвинувањата коишто на негова адреса вчера ги упати претседателот на МКФ Даниел Димевски, при одговорот на иницијативата за смена поднесена од 22 клуба. Македонскиот кошаркарски шампион тврди дека на редовното Собрание пред три недели немало гласање доверба за Димевски. Очекува јавно извинување од него или во спротивно ќе бара тој на суд да ги докаже клеветите.

Иницијативата за смена на Даниел Димевски не значи дека веќе постои конкретен предлог за негов наследник, но се размислува за имиња на бизнисмени и на спортски работници. Директорот на МЗТ Скопје Видоја Секуловски потврдува дека клубот апсолутно би застанал зад великанот на нашата кошарка Петар Наумоски, чиешто име излезе како кандидат за можен нов претседател на МКФ.

„Ниту почнало функционирањето на кошарката од Димевски, ниту ќе заврши. Заслугата за најинтересната и најквалитетна лига во регионов не е негова, туку на клубовите. Во членот од статутот на којшто се повикува оваа иницијатива, никаде не стои дека мора да биде поднесена на некаков заверен формулар, туку пишува само дека една петтина од вкупниот број клубови може да побара одржување вонредно Собрание. Тоа право го искористија 22 клуба“, вели Секуловски.

Од МЗТ велат дека недовербата кон Димевски не му е откако остана без Купот, туку уште од мај 2014. Тогаш клубот не се заангажирал повеќе само за да не го опструираат Димевски во кампањата за претседател на ФИБА. Незадоволството се зголемило со тензиите при воведувањето на правилото за шест странци во клубовите, а потоа и со неговото вмешување во работата на Здружението на клубови при прекинот на мечот Работнички-МЗТ.

Директорот на МЗТ вели дека клубовите не ја мешаат политиката во кошарката, туку Димевски сам се повикува на некоја политика која се вмешала на теренот, при што заборава дека зад поголем дел клубови стои локалната самоуправа.

МЗТ има смешно мал долг кон МКФ и сигурно тоа не е причина што е вклучен во кампањата, вели Секуловски, потенцирајќи дека има непотврдена информација оти дел од клубовите-иницијатори коишто имаат поголем долг кон федерацијата добиваат закани дека ќе бидат исклучени од лигите, ако не ги повлечат потписите.