МЗТ „рекреативно“, Цедевита по полуфинале
Гостувањето кај Левски е шанса за седмата победа. На неа македонскиот првак чека од 9.јануари кога во Аеродром падна Солнок...

Триумфот на Игокеа во Загреб против Цибона со 81-78 ги намали и така теоретските шанси за МЗТ Скопје да се качи барем за една позиција во АБА рангирањето сезонава. Но гостувањето кај Левски е шанса за седмата победа. На неа македонскиот првак чека од 9.јануари кога во Аеродром падна Солнок. Бугарскиот состав, пак, е убедливо на дното со само една радост во Јадранската лига остварена уште во второто коло против Мега Визура.
А во 24-тото, Олимпија вчера загуби кај Солнок со 106-99, што значи дека евентуална победа на Цедевита кај Задар во хрватското соочување ќе ја реши дилемата за последниот полуфиналист, ако воопшто и постои. Цедевита два триумфа повеќе од Олимпија и потребен и е само уште еден на преостанатите три средби за да обезбеди место меѓу четирите. Но целта е да се избегне Црвена Звезда во полуфиналето, а тоа е можно само доколку загрепскиот тим го потисне Партизан на четвртото место. Од овој аспект, значаен ќе биде утрешниот меч меѓу Мега Визура и Партизан, којшто ќе ја заокружи оваа рунда. Покрај Задар и Цедевита, денеска ќе играат и Црвена Звезда и Металац, а вчера во победнички ритам беше и Будуќност против Крка со 82-77.
