Битка за превласт на дното на АБА лигата
Ова е можеби најдобрата шанса за Левски да ја прекине црната серија, се вели понатаму во најавата на АБА лигата, да дојде до втората победа сезонава и да ја остави зад себе низата од 21 пораз...

Двете екипи со најлошиот учинок сезонава, ќе се пресметаат во Софија и како што стои во официјалната најава на порталот на АБА лигата, борбата ќе биде околу прекинувањето на негативната серија на македонскиот, или на бугарскиот претставник. Во кошарката нема реми во лига системите, 0:0 е реално невозможен резултат и тоа се основните причини поради кои што на споменатиот меч ќе има победник и ќе гледаме некакво, „какво- такво“ надигрување.
Ова е можеби најдобрата шанса за Левски да ја прекине црната серија, се вели понатаму во најавата на АБА лигата, да дојде до втората победа сезонава и да ја остави зад себе низата од 21 пораз. Но, ние велиме дека ова е реална шанса и за МЗТ Скопје Аеродром, да врзе две победи на гостински терен, по триумфот кај Солнок. Ако и Левски не биде совладан, тогаш се прашуваме која е суштината, да се игра во јадранското кошаркарско натпреварување.
Македонскиот шампион има 6 порази по ред, но има нов кормилар кој што бара челична дисциплина и кај кој што поимот „не можам“ не проаѓа, а поимот „не сакам“ значи крај на постоењето во сино-белата средина. Тоа е мотивот што треба и мора да ги води Металците, кон победа во Софија, на првата меѓусебна средба на овие два тима во АБА лигата, што може да се случи да биде последна и единствена.
Бугарите не ги исполнуваат до крај критериумите на регионалното натпреварување, имаат катастрофлни резултати и иста таква финансиска ситуација и најверојатно нема да продолжат на Јадранот, кој што пак, од друга страна е разбрануван од последниот состанок на бордот на ФИБА Европа. Европската куќа на кошарката ја избриша АБА лигата и од следната сезона нема да ја признава, а можни и многу веројатни се санкции, за сите што ќе учествуваат во ова натпреварување. ФИБА Европа, ја поддржа балканската БИБЛ лига.
Навивачите на МЗТ Скопје се крстат во Алеш Пипан, кој што конечно треба да ја крене дисциплината на играта на потребното ниво, а оние на Левски гледаат во Павел Иванов, кој што на последниот дуел постигна 28 поени и е прва виолина на бугарскиот тим. МЗТ и Левски се на истите позиции, како што се и на табелата, во категоријата постигнати поени. Нашата екипа постигнува по 67,43, а бугарската 67,36 по натпревар.
Дуелот се игра од 18 часот, во Софија и во живо на МТВ.
