Општина Тетово со поддршка за жените претприемачи

09.03.2015 12:29

Експанзија на малите бизниси и поддршка на жените претприемачи во руралните средини. За оваа цел, општина Тетово донираше 6 илјади долари на фондот „Жените во бизнисот“. Беше потпишан и меморандум за соработка со УСАИД преку кој и општина Тетово ќе даде свој придонес во поддршката на жените претприемачи и развојот на локалната економија...

Шест илјади долари е донацијата на општина Тетово за Фондот за поддршка на жени и млади претприемачи „Жените во бизнисот“. Општината ќе придонесе за имплементирање на проектот на УСАИД за проширување на мали бизниси и асоцијација за локален рурален развој.

„Со тоа да се допринесе кон јакнење на економската независност на жената“, рече Теута Арифи, градоначалник на општина Тетово.

Aмбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли рече дека работат на отстранување на пречките со кои се соочуваат малите и средните претпријатија при обезбедувањето финансии.

„За жените што се занимаваат со претприемништво, наоѓањето финансии е многу голем предизвик. Затоа го формиравме овој фонд“, изјави амбасадорот Џес Бејли.

Ќамије Селими и Јехона Матранчи се жените претприемачи кои добија грантови за развој на нивните бизниси. Како што велат, ова е голема шанса за жените од руралните средини, кои според нив имаат и волја и идеја за свој придонес во локалната економија.

„Задоволна сум што има некој да не поддржи“, вели Ќамије Селими.

„Ова е многу добра шанса. Има многу жени што сакаат да работат, имаат идеи, но немаат финансии“, смета Јехона Матранчи.

Според информациите од УСАИД, со помошта на Фондот за поддршка на жени и млади претприемачи, сите кои добиле грантови двојно го зголемиле своето производство, а отворени се и нови 76 работни места.

„Без јака локална економија, неможеме ниту да размислкуваме за едно демократско општество“, смета Мирјана Македонска, заменик директор на проект „Експанзија на мали бизниси“.

Во рамки на настанот се одржа и прослава на 8-ми март со манифестација на градскиот плоштад.

 

Зоран Јованоски