Стрес поврзан со работа и синдром на согорување
Докторите, психолозите, социјалните работници, медицинските сестри, наставниците, новинарите, полицајците и компјутерџиите најчесто согоруваат при работа од преголем стрес (burnout syndrome).

Долготрајниот неконтролиран стрес при работа причинет од разни фактори предизвикува согорување на работникот(burnout syndrome), со последици на здравјето , но и на ефикасноста во работата и успехот на компанијата. Стресот поврзан со работата е еден од најголемите предизвици од областа на медицината на трудот во Европа. Според Европската агенција за безбедност и здравје при работа кај 25% од работниците е присутно влијанието на стресот, а меѓу 50% и 60% од загубените работни денови се поврзани со него. Една четвртина од работниците мислат дека работата е стрес број еден во нивниот живот, а 40% дека работата им е премногу стресна. Според Европската фондација за подобрување на животните и работните услови секој петти маж и секоја шеста жена работат под постојан временски притисок.
Стресот на работа станува алармантен и во Македонија . Дури 70% од Македонците се уверени дека во наредните 5 години ќе се зголеми стресот на работните места, а 45% сметаат дека тој ќе биде значително поголем. Тоа се докажува со најновото европско истражување за безбедност и здравје на работа ,во кое се вклучени и експертите од Институтот за медицина на трудот на РМ.
Според ас. д-р Драган Мијакоски, специјалист по медицина на трудот (Институт за медицина на трудот на РМ.СЗО Колаборативен центар за медицина на трудот-Скопје) кој подготвува докторска дисертација на таа тема, тоа се манифестира со анксиозност, депресија, безнадежност, потешкотии во концентрацијата и гушење на креативноста и др. Преголемите психолошки барања и малата можност за контрола го зголемуваат ризикот за кардиоваскуларен морбидитет и морталитет.16% од сите кардиоваскуларни болести кај мажите и 22% кај жените се токму поради тоа. Има последици и на мускулно скелетниот систем со долготрајни болки во рацете, вратот и долниот дел од грбот.Предизвикува и психички проблеми кои лекарите се повеќе ги препознаваат. Но се уште на согорувањето при работа не му се обрнува доволно внимание и нема системски мерки за превенција на големите последици и за здравјето на граѓаните и за загубите на работни часови(повеќе од половина од вкупните причини).
Стресот ја намалува продуктивноста, вели д-р Мијакоски . Студиите покажуваат дека стресот е причина за доцнење на работа, отсуство, и намерата да се напушти работното место, наспроти мислењето на некои работодавачи дека зголемениот притисок врз работниците може да помогне во продуктивноста и профитабилноста.
Споре д-р Мијакоски и податоците на Светската здравствена организација најчести причини за стресот се непријатна, монотона, работа под временски притисок, премногу или премалку работа, непредвидливо работно време, недостаток на учество во одлучување, неизвесност за иднината, неможност за напредување, преголемо или премало напредување, нејасна улога во работната организација, мобинг и насилство, изолираност или лоши меѓучовечки односи, лоша комуникација и управување, недостаток на јасни цели и структура на организацијата и како круна на се- конфликт меѓу барањата во домашната и работната средина,немање поддршка на работното место за домашните проблеми и обратно.
Според истражувањето на 9 европски земји ,меѓу кои и Македонија, во својата работа најмногу ,,согоруваат“ социјалните работници со дури 82% емоционална исцрпеност,потоа психолозите со 75%, па докторите што работат со инфективни и неизлечливи болести, и со болни со непредвидливо однесување (психијатриски установи).Медицинските сестри ,особено во хирургијата, имаат 42% емоционална исцрпеност. Тука се и наставниците, новинарите, менаџерите, војската, полицијата, чуварите на затвори, компјутерџиите, па и земјоделците и невработените, оние што се занимаваат со општестено одговорна работа(администрација). Се уште нема официјални податоци за политичарите. Често многу осетливите личности коишто тешко се справуваат со стресот имаат психичка дисфункција, намалена самодоверба и склоност кон таблетоманија, пушење, пиење алкохол, па дури и дрога.
Потребна е превенција за да се елиминираат или барем да се намалат несаканите ефекти од стресот и од согорувањето. Постојат специјални програми за управување со стресот и организациски промени. Тоа подразбира откривање на стресогените фактори ,тренинг и едукација и на работниците и на раководителите за причините и за нивно редуцирање. Систематските прегледи коишто се повеќе формални отколку реални, не содржат психолошко тестирање за препознавање на синдромот на согорување,туку само се детектираат физичките заболувања.
Факт е дека во Македонија се ретки работодавачите или непосредните претпоставени коишто водат сметка за баланс во работењето и можностите на вработените.
Соња Стојановска
