Рускиот виртуоз на труба, Сергеј Накарјаков солист со Македонската филхармонија

09.03.2015 14:03

Накарјаков, кој свири труба и флугелхорн, предизвикува силно внимание кај публиката и кај стручната јавност со неговиот индивидуален стил на изведба...

Рускиот виртуоз на трубата Сергеј Накарјаков, нарекуван „Паганини на труба“, ќе настапи како солист со Македонската филхармонија на концертот под наслов „Големите класици“, што ќе се одржи во четврток во Домот на АРМ, во 20 часот.

Накарјаков, кој свири труба и флугелхорн, предизвикува силно внимание кај публиката и кај стручната јавност со неговиот индивидуален стил на изведба. Пред македонската публика ќе го изведе Концертот за хорна бр.4 од Волвганг Амадеус Моцарт, дело кое на изведувачот му нуди да ги покаже сите свои технички и воопшто, уметнички можности.

На програмата на концертот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи под палката на нашиот маестро Борјан Цанев, се содржани уште две значајни дела од епохата на класицизмот - увертирата „Леонора“ бр. 3 од Лудвиг ван Бетовен, од неговата единствена опера „Фиделио“, како и Симфонија бр. 102 од Јозеф Хајдн, неговата десетта од циклусот 12 „лондонски“ симфонии.

Македонската филхармонија со овој концерт се враќа на матичната сцена, во Домот на АРМ, каде што по неколку градежни зафати подобрени се условите за работа и за концертирање.