Кошарка – НБА

Вестбрук и натаму брилијантен, Данкан ја заврши рекордната серија

09.03.2015 14:20

По освојување на трофејот за најкорисен играч на “Ол стар“ мечот Вестбрук игра како препороден и сериозно ја наметнува кандидатурата за МВП на сезоната...

Седумте натпревари од НБА лигата понудија 3 дерби пресметки, а одново не изостанаа импресивните постигнувања. Јунак на вечерта е Расел Вестбрук, кој оствари седми “трипл дабл“ сезонава, а петти во последните 6 натпревари. Благодарение на неговите 30 поени, 11 скокови и 17 асистенцииОклахома Сити го совлада Торонто со 108 : 104 и ја задржа осмата позиција во Западната конференција со 35 победи и 28 порази. По освојување на трофејот за најкорисен играч на “Ол стар“ мечот Вестбрук игра како препороден и сериозно ја наметнува кандидатурата за МВП на сезоната. Канаѓаните загубија по 7 пат во последните 10 натпревари и паднаа на 4 позиција на истокот со 38 - 25. 

Сан Антонио го совлада Чикаго со 116 : 105 што е петта победа по ред за актуелниот шампион кој беше предводен од Тони Паркер со 32 поени. Натпреварот од свој агол го одбележа и Тим Данкан, кој првпат во 18 годишната кариера не постигна кош од игра. Имаше 8 промашувања и ја заврши фантастичната серија од 1310 натпревари, што е рекорд во НБА. Зад него се легендите Хаким Олајџувон со 1075 и Мајкл Џордан со 1072 мечеви едноподруго во кои постигнувале поени. Чикаго останува четврти на истокот, а најдобар поединец синоќа беше Пау Гасол со 23 поени и 15 скокови. Голден Стејт се зацврсти на водечката позиција на Западот, откако славеше над ЛА Клиперс со 106 : 98. Грип со 23 поени и Томпсон и Ливингстон со по 21 беа најзаслужни за 49 победа сезонава на најдобриот тим во лигата кој има само 12 порази, а Клиперси со ефект од 40 - 23 и натаму остануваат петтопласирани во конфернцијата. Рамо до рамо со нив е Далас со 41 - 24, по победата 100 : 93 на гости над ЛА Лејкерс, по што домаќините остануваат на претпоследното место со 16 победи и 46 порази. Во дуелите на екипите кои се вон "плеј оф" зоната Орландо го совлада Бостон 103 : 98, а Јута на гости беше подобра од Бруклин со 95 : 88.