Отпишани долговите на 9.000 семејства
Досега се отпишани долгови на 9.000 смејства, во висина од 900 милиони денари. Вкупно се поднесени 41.765 барања и се работи на подготвување нови решенија...

Во рамки на владината мерка за еднократен отпис на долгови на граѓаните, досега се отпишани долгови на 9.000 смејства, во висина од 900 милиони денари. Вкупно се поднесени 41.765 барања и се работи на подготвување нови решенија.
Премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска во Владата на триесетина смејства им доделија решенија за отпис на долговите.
„Ова беше наше изборно ветување и беше директно наменето да помогне на најпогодените наши граѓани. Реагиравме човечки, реагиравме како ниту една влада во светот што не реагираше. Искрено се надевам дека помогнавме на многумина, и економски растеретивме голем број семејства на кои нависитина им беше потребна помош“, рече премиерот Никола Груевски на доделувањето на решенијата.
Еднократниот отпис на долгови на граѓаните е мерка која директно се однесува на корисниците на социјална и постојана парична помош, невработените лица кои бараат работа повеќе од 12 месеци и лицата изложени на социјален ризик поради тешка болест, настапена инвалидност или смрт на брачниот другар.
Барања за отпис на долговите граѓаните може да поднесат од 18 август до 13 октомври минатата година. Се отпишуваа долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година.
