Претставени можностите за студирање во Русија
Руската влада обезбедува трошоци за студии, месечна стипендија, сместување во студентски домови, под исти услови како и за руски студенти, а доколку кандидатот не знае руски јазик ќе има една подготвителна година за изучување на јазикот, што не се вбројува во годините на додипломските студии...

Владата на Руската федерација доделува 25 стипендии за македонски државјани за студии во Русија. Руската амбасада денеска на Економскиот факултет во Скопје организираше презентација на предностите за студирање во Русија и можностите за добивање стипендија.
Руската влада обезбедува трошоци за студии, месечна стипендија, сместување во студентски домови, под исти услови како и за руски студенти, а доколку кандидатот не знае руски јазик ќе има една подготвителна година за изучување на јазикот, што не се вбројува во годините на додипломските студии.
Кандидатите кои ќе матурираат оваа година треба да приложат документи за претходните завршени години средно образование, а дополнително ќе го достават документот за положена државна матура, со оглед дека рокот за аплицирање за стипендија завршува за десет дена.
Тие што ќе аплицираат, ќе имат интервју на 20 март со претставници од Амбасадата на Русија, а конечната одлука за прием на кандидатите ќе ја донесат универзитетите на кои тие аплицирале. Резултатите ќе бидат соопштени во јули и август, а примените на додипломски студии треба во септември да стигнат на местото на студирање.
Рокот за аплицирање е 18-ти март, а апликациите се доставуваат до Министерството за образование и наука.
