Канадски компании го меркаат македонскиот пазар

09.03.2015 16:36

Големи можности, неискористен потенцијал. Ова е генералната слика за економските односи меѓу Македонија и Канада. Со инвестиции што се бројат на една рака и трговска размена која е занемарлива, двете земји, преку организацијата „Македонија 2025“ ќе работат да ја променат состојбата...

Од Индија, Аргентина и Бразил до Македонија. Вака изгледел патот при носењето на инвестициската одлука на Крис Павловски, млад бизнисмен од Торонто. Работел во некои од најголемите компании во светот, за потоа да основа софтверска фирма во Македонија и да почне да се шири во регионот.

„Пред четири години инвестиравме во Македонија. Почнавме како мал бизнис во Скопје, но се развиваме многу брзо. Оттука им даваме консултантски услуги на ИТ компании од Канада и од САД. Во моментов во Македонија имаме 150 вработени и продолжуваме да се развиваме“, изјави Крис Павловски, инвеститор.

Работата во Македонија добро му оди. Смета дека бизнис – климата е поволна и дека неговиот пример ќе го следат и други компании од Канада. Истата визија ја дели и „Македонија 2025“, организација составена од видни бизнисмени со македонско потекло, од рангот на Мајк Зафировски и Џон Битоф.

„Ќе сторам сè што е во мојата моќ да ги привлечам канадските компании во Македонија, особено оние кои сакаат да се позиционираат или да се прошират на европскиот пазар. Македонија навистина стана конкурентна, бизнис – ориентирана држава и е одлична влезна точка за канадските компании во Европа“, нагласи Џери Наумоф, министер за привлекување странски инвестиции.

Земјоделството и ИТ- индустријатa се сектори во кои постои најголем потенцијал за привлекување канадски инвестиции.

„Канадската бизнис – заедница смета дека Македонија е атрактивна дестинација за инвестирање. За време на отворените канадски денови ќе ги разгледаме можностите за проширување на соработката. Амбасадата им стои на располагање на сите кои сакаат да ги прошират инвестициските и трговските врски“, изјави Филип Пинингтон, нов амбасадор на Канада за Македонија.

И покрај бројната македонска заедница во Канада, и трговската размена и инвестициите од оваа земја се на занемарливо ниво. Целта е, сликата да се промени, преку поврзување на домашните бизнисмени со македонската деловна дијаспора.

Мартин Пушевски