Косат стомачните вируси- надлежните апелираат за превенција
Надлежните посебен акцент ставаат на превенцијата. Особено е важно редовното миење на рацете за време на престојот во градинка, училиште, јавен превоз...

Грчеви во стомакот, покачена температура, повраќање, дијареа- стомачните вируси ги наполнија амбулантите. Од почетокот на годината на овие симптоми се пожалиле близу четири илјади граѓани. На удар се децата, и оние со намален имунитет.
„Вирус, годините, си го прават своето... Бев пред некој ден ми рекоа вирус, лекови земав не ми помогнаа, сега пак дојдов“, велат дел од граѓаните кои ги анкетиравме.
Стомачните вируси може да предизвикаат и компликации. Може да доведат и до дехидрација, затоа матичните лекари советуваат да не се зема терапија на своја рака.
„Зголемен е бројот на пациентите со стомачен вирус, особено минатата и пред минатата недела. Најверојатно времето, променливото време и храната е причината за појава на овие вируси“, велат матичните лекари.
Надлежните посебен акцент ставаат на превенцијата. Особено е важно редовното миење на рацете за време на престојот во градинка, училиште, јавен превоз.
„Пребришување на работни површини, особено ако има заболен во просторијата на семејството и избегнување на контакт со заболемно лице. Особено апел и до мајките кога преповиваат деца, пелени, да ги мијат рацете, ако имаат и други дечиња, бидејќи најчесто кај малите деца и помладите до 14 години најчесто се јавува овој стомачен вирус“, вели д-р Јованка Костовска од Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство.
Стомачните вируси ги има во текот на целата година, а особено на почетокот на пролетта и летото.
Андријана Атанасовска
