Првиот соларен авион тргна на пат околу светот
Со него во историјата ќе се запишат и пилотите, Швајцарците Андре Боршберг и Бертран Пикар. Ќе управуваат наизменично...

„Соларен импулс 2“ прави историски подвиг. Од Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати без капка гориво тргна на патешествие како прво летало на соларен погон што ќе ја обиколи Земјата. Со него во историјата ќе се запишат и пилотите, Швајцарците Андре Боршберг и Бертран Пикар. Ќе управуваат наизменично.
„Двајцата сме возбудени, но мораме и да се концентрираме. Едноставно сме среќни“, изјави пилотот Андре Боршберг.
„Имавме стрес се до крајот. Имавме проблем со електриката во пилотската кабина и моравме да го решаваме во последен момент. Сега авионот е во воздух, Андре е на пат кон Оман. Ако се помине како што треба, јас утре ќе летам за Индија, а потоа очекуваме да го обиколиме светот“, нагласува пилотот Бертран Пикар.
Во наредните пет месеци Соларен импулс ќе лета континент преку континент, надлетувајќи ги Тихиот и Атлантскиот Океан. Патем ќе застанува на повеќе локации за одмор и за поправки, но и за да ја шири идејата за чиста технологија. Леталото добива струја од 17.200 фото-електрични соларни ќелии, поставени на крилјата.
„Ова е неверојатен момент. Целиот тим напорно работеше за да го постигнеме ова денеска. Моравме да решиме многу проблеми. А сега сме на пат. Одлично е“, вели Пикар.
Патот долг 35.000 километри ќе се одвива во 12 етапи и ќе трае пет месеци. Двајцата пилоти а воедно коосновачи на Соларен импулс 2 тврдат дека во теорија авионот бил можел да лета неограничено долго. Научниците предвидуваат дека до 2050 соларната енергија ќе стане доминантен извор на струја на глобално ниво.
Марина Автовска
