Преку Динамо до полесно четвртфинале

09.03.2015 16:55

Поразот со седум разлика на гостувањето кај Динамо наметнува императив црвено-црните в сабота да слават со осум гола во скопската пресметка и на тој начин да го прескокнат рускиот ривал...

Имаа блескави моменти и драстични падови, но ракометарките на Вардар стигнаа до позиција само еден натпревар да решава за второто место во групната фаза од Лигата на шампионките.

Поразот со седум разлика на гостувањето кај Динамо наметнува императив црвено-црните в сабота да слават со осум гола во скопската пресметка и на тој начин да го прескокнат рускиот ривал. Второто место значи полесен противник во четвртфиналето. Ако вардарки не успеат да обезбедат надмоќ во меѓусебниот дуел, со каков било триумф ќе го потврдат третото место затоа што имаат подобар биланс во двете соочувања со Турингер. Германскиот тим има идентични девет бода како и македонскиот првак, но не решава сам за својата судбина, дури и да се радува во мечот со веќе отпишаниот Лајпциг.

Ваквата поволна позиција вардарки ја овозможија со убедливиот триумф на гостувањето кај Крим. Од 47-те подогоци на тимот на Индира Кастратовиќ, најмногу даде Андреа Пенезиќ. Постигна 11 од 13 шута кон противничката мрежа што беше доволна причина ЕХФ да ја прогласи за една од трите ѕвезди на колото во Лигата на шампионките. Во тоа трио се и Ана Кочетова од Динамо и Кристина Неагу од Будуќност.