Инјектирана првата доза од терапијата за раздвижување на европската економија

09.03.2015 17:11

Европската централна банка почна со купување државни обврзници. Во планот не се Грција и Кипар, но затоа се презадолжените Шпанија, Португалија. Главната цел е да се поттикне инфлацијата којашто последниве години одеше во минус...

Со купување на 60- те билиони евра од страна на Европската централна банка, денеска практично стартува планот на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги за спасување на реалната економија во еврозоната. Ова е само еден дел од вкупно 1,1 трилион евра со кои вештачки ќе се стимулира потрошувачката, претприемништвото, како и отворањето на нови работни места во Европската унија.

Според  Драги, со овие мерки, годинава се очекува зголемување на економскиот раст од 1 на 1,5%. Во очите на експертите, активноста на ЕЦБ доаѓа прилично доцна, па сепак имаат оптимистички став дека со овие мерки ќе закрепне германската економија, додека пак Франција сепак тешко ќе се избори со реформате на пазарот на трудот. Не изненадува што во оваа група се и презадолжените Италија, Шпанија и Португалија. Што се однесува до Грција, таа повторно е на дневниот ред на денешниот состанок на Еврогрупата во Брисел.

Останува отворено прашањето колку од овие мерки ќе се офајдат државите надвор од еврозоната и Европската унија, а кои имаат трговски врски со државите членки. Се проценува дека со купувањето обрзници од државите членки на Унијата, како и од одредени приватни сектори, европските акции пораснале за 15 насто од почетоков на годинава. Овој раст не се однесува на тргувањето со акциите на грчките банки. 

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ