Случај „Пуч“: Граѓаните не поддржуваат измислени сценарија

09.03.2015 17:20

„Опозицијата со бомбите сакаше да ја наелектризира јавноста, но, тој ефект не и успеа“ - коментираат колумнисти од печатени медиуми. Експертите со став дека нема да му успее обидот на Заев, во недостиг од концепт и програма, насилно да дојде на власт. Аналитичарите апелираат на разумност што може да се постигне само со политички дијалог...

„Граѓаните бараат дела, а не смислени сценарија“- ова е коментарот на колумнистот, Димитар Грумар за постапките на лидерот на СДСМ, Заев. Тој вели дека со долгонајавуваната бомба опозицијата сакала да ја наелектризира јавноста и да ја поттикне на протести и незадоволства, но, сепак не го предизвикала тој ефект. Според  него, народот не треба да се потценуваат затоа што веќе не верува само во ветувања, туку во дела.

„Опозицијата со бомбата сакаше да ја наелектризира јавноста и да ја поттикне на протести и незадоволстава, што очигледно не го предизвика  тој ефект. Една од прилините е што долго беше најавувана. Најголем ефект на бомба се очекува при првата експлозија, но очигледно не се предизвика тој ефект. Долго време беше најавувано, да беше атомска бомба па ќе им здодееше на народот... да не ги потценуваме граѓаните, гласачите, знаат да проценат што е програма, проект...“, објаснува Димитар Грумар – уредник во „Дневник“.

Експертите велат дека Заев нема ни концепт ни програма, па затоа, најголемиот удар си го задал самиот на себе.

„Заев нема никаква политичка платформа, ниту пак концепција околу било каков прогрес или понуда на било каква програма пред македонските граѓани. Од таа причина психолошки е нормално да прибегне кон негативна кампања“, смета универзитетската професорка Иванка Додовска.

Премиерот Груевски изјави дека постапките кои Заев ги прави сега личат на старата Бранкова школа - да се дојде на власт преку криза затоа што немаат идеи и проекти. Рече дека на Социјалдемократите им било јасно дека ќе ги изгубат изборите, а за тоа биле свесни и од анкетите што неговиот политички опонент сам си ги нарачувал.

„Она што исто така е значајно е дека Заев со пуштање на креирани материјали, правејќи го тоа, ја фалсификува волјата на граѓаните, волјата на тие граѓани кои со огромна разлика гласаа во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Ја фалсификува таа волја на тој начин што преку креирани материјали се обидува да им докаже дека не гласале заради тоа што гласале, заради делата, заради градбите, реформите, многу чекори, зголемување на пензии и плати и редица други чекори што ги направивме, ги убедува дека гласале за тоа што тој мисли дека гласале, ги уверува дека имале разни притисоци и слично“, изјави премиерот Никола Груевски.

Освен наштетувањето на угледот на државата, аналитичарите гледаат и сериозно нарушување на приватноста на граѓаните. Апелираат на разумност што може да се постигне само преку политички дијалог.

„Мора да се потсетиме дека моментално Република Македонија е земја која има висок степен на економски раст, стабилна макро економија и политика,  земја во која што врвни гобални корпорации инвестираат и отвараат работни места. Во таа насока треба политичарите да смогнат сили и да отворат политички дијалог“, вели Тимчо Муцунски, докторант на правни науки.

Во петокот дел од медиумите објавија информација дека Државната изборна комисија денеска ќе одржи вонредна седница на која ќе се разговара за аудио-материјалите за кои Заев тврди дека се доказ за изборни нерегуларности.

Сепак, заменик-претседателот на ДИК, Субхи Јакупи вели дека седница не била закажана. Денеска, некои од интернет-порталите, објавија фотографии на неформална средба меѓу опозицискиот лидер и првиот човек на комисијата, Рилковски, што се случила вчеравечер во една скопска кефеана.

Наташа Гркова- Петрушевска