Девет илјади семејства спасени од долговите

09.03.2015 18:04

Најголем број од отпишанте долгови се за струја, кредити и минуси на трансакциски сметки и за долгови за радиодифузна такса и топлинска енергија. За оваа владина мерка се поднесени над 40 илјади барања...

На девет илјади семејства им се отпишани долговите, а 30-тина од нив денеска добија и решенија за еднократен отпис на долгови. За оваа владина мерка биле поднесени над 40 илјади барања. За отписот на долговите на граѓаните се издвоени 900 милиони денари. Најмногу отписи има за електрична енергија, за кредити во банките, најмалку за топлинсна енергија и радиодифузна такса.

Ова беше изборно ветување и беше директно наменето да помогне на најпогодените наши граѓани, рече премиерот Никола Груевски на доделувањето на решенијата.

„Изминатата година ја донесовме мерката за еднократен отпис на долгови на граѓани. Ова беше наше изборно ветување и беше директно наменета да помогне на најпогодените наши граѓани, кои изминатите години ја дочекаа светската економска криза во една тешка и незавидна социјална и семејна положба. Решивме да помогнеме на начин на кој никој во светот досега не помогнал. За разлика од некои други држави каде што се отпуштаа работници се качуваа даноците и се преземаа голем број на други мерки, кои ја отежнуваа и така тешката ситуација на луѓето, кај нас во Макеоднија се случуваа малку поинакви процеси. Многумина со неверување ја дочекаа нашата мерка за отпис на долговите. Сите држави беа погодени, но, Макеоднија беше прва којашто излезе со ваква мерка, а денес нашата мерка ја преземаат и во повеќе други земји“, изјави премиерот Никола Груевски.

Според Груевски, ова е голема победа за социјалната солидарност во Република Македонија. Барањата за отпис на долговите граѓаните можеа да ги поднесат од 18-ти август до 13-ти октомври минатата година. Од пристигнатите барања се уште се обработуваат податоците, а Владата и понатаму ќе продолжи да им помага на оние на кои најмногу им е потребна помош.

По примерот на Македонија и другите земји воведуваат мерки за ублажување на финанските тешкотии на граѓаните. Од регионот хрватската влада почна со отпишување на долговите на социјално загрозените граѓани, а црногорците ги прават последните подготовки за примена на оваа мерка.

 

Сунчица Николоска