7-ми пораз во низа за МЗТ во регионот

09.03.2015 20:54

Поразот кај Левски нема резултатско или натпреварувачко значење, но може да биде или инјекција за будење, или за конечно заспивање на џинот што одамна е во нокдаун...

МЗТ Скопје загуби натпревар што го имаше в рака, за продолжување на резултатската агонија на македонскиот шампион. Поразот кај Левски нема резултатско или натпреварувачко значење, но може да биде или инјекција за будење, или за конечно заспивање на џинот што одамна е во нокдаун.
 
Левски победи во 24-та АБА рунда со 91:90 со поените на Хант, при две промашени слободни на неговиот соиграч Николов, во ситуација кога тројца наши кошаркари не тргнаа на одбиената топка од обрачот и му дозволија на Американецот да го постигне 12-тиот негов поен, клучен за победата. Во последните 9 секунди, Симоновски го промаши последниот, неизграден и исфорсиран шут за 3.
 
Синовец постигна 29 поени, Чапин имаше одлично деби со 19, 17 постигна најдобриот стрелец сезонава кај МЗТ, Самарџиски кој што оствари и по 6 офанзивни и дефанзивни скокови. Следниот предизвик за Аеродромци се Цибона в недела на Јадранот и Кожув, в четврток во рамките на домашното првенство.
 
Двете екипи остануваат на дното на АБА лигата, со учинок 6/18 за МЗТ, односно 2/22 за Левски.