Текстилната индустрија со подмладен и квалитетен кадар
Над 260 работници во моментот работат во најголемата фабрика за текстил во Куманово и заедно со погонот во Ранковце. Во моментот тука обука посетуваат 20-тина млади, а сопственикот најави проширување на капацитетите и нови работни места...

Факт е дека меѓу младите не е популарна работата на машина, особено во текстилната гранка. Но, во последно време, има интерес кај добар дел од нив водени од идејата дека е подобро да се работи отколку со години да се чека вработување.
„Тука бев на обука три месеци. Ми заврши обуката и ме примија на работа. Задоволна сум, кога се трудиш не е тешко.“
„Првин бев без работа десет години, работев нешто, па пак бев не вработена...Иако, по струка сум правен техничар, решив да дојдам овде и да се преквалификувам“, велат работничките во една текстилна фабрика во Куманово.
Над 260 работници во моментот работат во најголемата фабрика за текстил во Куманово и заедно со погонот во Ранковце. Во моментот тука обука посетуваат 20-тина млади, а сопственикот најави проширување на капацитетите и нови работни места.
„Во секој момент се трудиме да имаме млади луѓе и да ги дообучуваме и подготвиме за некоја од операциите на машините. Во оваа прилика сакам да додадам дека во секое време имаме отворено оглас и за млади технолози за текстил“, изјави Драган Стефановски, сопственик на текстилна фабрика во Куманово.
Државата преку разни начини им излегува во пресрет на бизнисмените од оваа гранка. Една од мерките се субвенции за обуки на стручни кадри и вработувања.
„Потребно е време да се смени состојбата, но полека се подобруваат работите. Се рекламира квалитетната работна сила, квалитетното работно место пред се, за оние што се текстилци по струка. Сметам дека полека заминува она време кога имаше измами и злоупотребување на трудот на работниците од оваа индустрија“, изјави директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Куманово некогаш беше втор град по производството на текстил.
Со соработка помеѓу стручните училишта и фабриките по пример на европските земји може да се надмине недостигот од кадри додаваат од овој сектор. Набрзо, од овој сектор ќе бидат потребни 5.000 работници откако ќе се изгради фабриката „Веибо“ во индустриската зона во Ранковце.
Габриела Димковиќ
