ЕП ќе расправа за резолуцијата за Македонија
10.03.2015 10:27
Во Резолуцијата подготвена од известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл уште еднаш се бара од Советот на Европската Унија да донесе одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија...

Европскиот парламент доцна вечерва на пленарна сесија во Стразбур ќе расправа за резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2014 година.
Во Резолуцијата подготвена од известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл уште еднаш се бара од Советот на Европската Унија да донесе одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија. Ова е главната порака во нацрт-резолуција, која треба да биде усвоена на утрешното гласање во Стразбур, а веќе помина во Комисијата за надворешни работи.
Во резолуцијата јасно се вели дека Советот на ЕУ, поради нерешениот проблем со Грција околу името, ја спречува земјата да напредне во процесот на членство. Пратениците сметаат дека проблемот со името не треба да го спречува отворањето на преговорите, туку да биде решен пред крајот на преговорите за членство и влегувањето на Македонија во ЕУ.
