Европскиот парламент доцна вечерва ќе расправа на пленарна сесија за реозлуцијата за Македонија

10.03.2015 13:24

Попладнево европскиот парламент во стразбур ќе расправа за предлог-резолуцијата што се однесува на извештајот за напредок на Македонија, подготвен од евроизвестувачот Иво Вајгл. По деветти последователен пат, парламентот треба да му препорача на Европскиот совет да ги почне преговорите за проширување, овој пат без натамошно одложување...

Европскиот парламент доцна вечерва на пленарна сесија во Стразбур ќе расправа за резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2014 година, јавува дописникот на МРT од Стразбур.

Дебатата за Резолуцијата за Македонија ќе се води доцна вечерва заедно со таа за Србија, Црна Гора и Косово.

Содржината на Резолуцијата подготвена од известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл (либерална група) е позната. Европскиот парламент утре по гласањето уште еднаш, по деветти пат, ќе побара од Советот на Европската Унија  да донесе одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија.

Ова е главната порака во Нацрт-резолуција, во која јасно се вели дека Советот на ЕУ, поради нерешениот проблем со Грција околу името, ја спречува земјата да напредне во процесот на членство. Пратениците сметаат дека проблемот со името не треба да го спречува отворањето на преговорите, туку да биде решен пред крајот на преговорите за членство и влегувањето на Македонија во ЕУ. А Грција се повикува да го потврди нејзиното ангажирање со агендата од Солун од 2003.

Тие повторно советуваат историјата да се толкува според фактите, а не според идеологијата и се советува создавање на зњеднички експертски комисии со соседните земји, посветени на историјата и образованието.

Европратениците сметаат дека во најновиот извештај за Македонија беа акцентирани растечките фрустрации на македонското јавно мислење поради ќорсокакот во кој се наоѓа евроинтеграцијата на земјата и ризиците кои произлегуваат од тоа за тензии во земјата. Ова може да тежи на регионалната стабилност, но и да ја намали кредибилноста на Унијата и да се заврши со назадување на демократските норми на земјата.

Како и што можеше да се очекува во резолуцијата влегоа и последните политички случувања со аферата „Пуч“, прислушувањата и генерално најновата политичка криза.

ЕП е „серизоно“ загрижен за поларизираната домашна клима и смета дека е под надлежност како на Владата, така и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка.

Текстот на резолуцијата може да претпри измени до последен момент, за што се предложени девет амандамни.

 

Тони Гламчевски